Православната Црква на 22 март ( 9 март по јулијанскиот календар ) го одбележува споменот на 40-те севастиски маченици, ден кој меѓу народот е популарен како Младенци. На тој ден, според старата народна и црковна традиција, сопружниците ( младенците ) што стапиле во брак во текот на минатата година,одат во црква а исто така и во својот дом пречекуваат гости, кои им носат подароци и на тој начин тие им помагаат на младенците во започнувањето на нивниот заеднички живот.

Обичаи од минатото што останале до ден денес низ градовите на Македонија

Според обичаите на овој ден во Радовиш се варела пченка од која секој јадел по 40 зрна за да се заварат (затечат) 40 бучуци жито во амбарите, а освен што пиеле 40 чаши ракија и саделе 40 корења во нивата. Во Куманово пак,  на овој ден ништо не се садело зашто немало да никне 40 дена. На овој ден интересни обичаи се правеле во Штип. Во овој град луѓето оделе и сеуште одат на Исарот од каде што секој фрлал по 40 камчиња кон Брегалница, а дома правеле 40 теганици за јадење. Во Штип од 40-те камчиња што од Исарот ги фрлале кон Брегалница младите неженети и немажени оставале едно за себе, го носеле дома и вечерта го ставале под перницата. Верувале дека тој што ќе го сонат таа вечер ќе биде нивниот иден брачен другар. Во селото Елешница, Разлошко, според еден современ запис вечерта спроти празникот од реката донесувале 40 камчиња и ги ставеле во ќошовите на куќата и откако тука ќе преноќеле утрото пак ги фрлале во реката. Тоа се правело за здравје на куќата. Во таа смисла камчињата што ги собирале задолжително требало да бидат бели итн.

Бракот како мачеништво – врската меѓу бракот и празникот на 40-те маченици

Младенците се посветени на споменот на страдањето на светите 40 војници што во 320 година преминале во христијанството, и покрај забраната на царот. Сите биле војници во римската војска и верувале во Исус Христос. Поради својата вера, овие војници најнапред се бичувани, на главата им биле ставени венци со кои ги овенчале со Христовата љубов, а потоа ги удавиле. Венците и денес имаат три симболики. Царски венци – секој човек е цар во своето мало царство, односно во својот дом, маченички венци, зашто во бракот треба да се поднесува и жртвувањето, и венци на бесмртната слава – онаа, во царството на Исус Христос. Со ова се укажува дека брачните партнери треба да бидат верни, и дека верноста и љубовта никакво искушение не смее да ги совлада.

Денешниот ден 22 март младите го празнуваат како ден на младоста и љубовта, а истиот ден правослвната црква го одбележува споменот на четериесете војници од Севастија кои мачениски загинале за христовата вера.

Празникот Младенци е целосно посветен на младите на младоста и љубовта и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак меѓу двата празника.

Денес исто така слават именден сите што носат име Младен, Младенка и сл.

Исто така се се верува декаКакво е времето денес такво ќе биде целата пролет“.